Иако рижотото првично асоцира на ексклузивни ресторани и комплициран начин на подготовка, сепак ова е всушност едноставен, домашен начин на подготвување на оризот во Италија. Секој љубител на храната и готвењето би требало да знае како да приготви вкусно рижото, затоа што е едно од тие јадења кое е лесно за подготовка, но секогаш ги импресионира оние кои ќе го дегустираат.
Потребни состојки за подготовка на 4 порции рижото со Баш Ајвар со маслиново масло:
- 300г бел ориз
- 1 голема главица бел кромид
- 2 чешниња лук
- 50г путер
- половина шолја ситно исецкан магдонос
- 2 парчиња супа во коцка, пилешка
- 1 тегла Баш Ајвар со маслиново масло (550г)
- 100г црни маслинки без семка
- 100г зелени маслинки со пиперка
- 170г моцарела
- зачини по желба (оригано, сол, бибер и слично)
Во 1 литар зовриена вода, ставете ги двете парчиња супа во коцка. Откако коцките наполно ќе се растворат, оставете ја супата на тивок оган да се вари.
Во меѓувреме, започнете со подготовка на останатите состојки. Ситно исецкајте ги кромидот, лукот и магдоносот, изрендајте ја моцарелата, а црните и зелените маслинки исечете ги на половинки или четвртинки, по Ваш ибор.
На загреана рингла, ставете го путерот во подлабока тава за пржење и почекајте да се растопи. Потоа, додадете ги ситно исецканите кромид и лук, и додадете малку сол за да избегнете кромидот да се залепи за тавата. Пржете ги со постојано мешање, додека не омекнат и почнат да добиваат карамелизирана боја. Додадете го оризот и убаво промешајте за да се впијат сите сокови од путерот, лукот и кромидот. Откако кратко ќе го пропржите оризот и истиот ги впил вкусовите, додадете третина од сварената коцка-супа.
Рижотото бара целосно внимание и постојано мешање, затоа најдобро е потполно да му се посветите на готвењето и да уживате во процесот. Во тавата со оризот, додадете ги црните маслинки, половина од исецканиот магдонос и зачините. Ставете ја ринглата на умерен оган и продолжете со мешање. При варењето, оризот бара многу течност, па штом супата ќе испари, додавајте од преостанатата. Кога ќе ја ставите последната количина од супата, додадете ја целата количина Баш Ајвер со маслиново масло и преостанатиот магдонос. Продолжете постојано да мешате.
По некои 20тина минути варење, кога оризот ќе омекне доволно и течноста од супата е речиси испарена, додадете ги зелените маслинки и моцарелата. Промешајте уште 2-3 минути, додека моцарелата да се растопи целосно во смесата.
Послужете го рижотото додека е топло и одозгора додадете уште малку рендана моцарела и сецкан магдонос, по желба.
Се разбира, секое јадење е повкусно доколку се подготвува со љубов, а се консумира во добро друштво и позитивна атмосфера.
На здравје!